Книги

Бели Мугри во рацете на Надица Лешникоска

Nadica-Lesnikoska-1-695x336
Денес со почеток во 19 часот во големиот салон на Домот на културата „Кочо Рацин” – Скопје (Домот на градежниците) ќе биде одржана поетската манифестација „Денови” во чии рамки на младата македонска поетесата Надица Лешникоска од Скопје свечено ќе и биде врачена наградата „Бели мугри”. Оваа награда, што Домот на културата „Кочо Рацин” ја доделува по девети пат на млад автор до 35-годишна возраст, Лешникоска ја добива за нејзината најнова збирка поезија „Кирија за срце”.
Инаку, Надица Лешникоска, која е магистер по мир и развој во областа на мировната дипломатија, со поезија се занимава уште од рана возраст. Во 2005 година ја објавува својата прва збирка поезија „Копрена” за која ја доби наградата „Даница Ручигај” за најдобра дебитантска поетска книга.
Објавува поезија во македонската и во балканската периодика, а застапена е и во „Мостови” – избор поезија од поетите – дебитанти,  кандидати за наградата „Мостови  на Струга” за 2006 година.