Вести

АПЕЛ: Купете цвеќе од бабичката!

Текстот во продолжение, е случка на една девојка, која испрати апел преку социјалните мрежи, зошто да купувате цвеќе од бабичките, кои обично се наоѓаат пред поголемите маркети. 
Milunka

Има една бабичка секој ден седи и продава цвеќе пред Тинексот во Карпош 3. Сонце, дожд или студено време не ја спречува, да донесе нарциси, зумбули, некои малечки китки или пак билки и чаеви.
Не е толку важно тоа што го продава.
Важно е дека бабичкава седи некогаш и цел ден, додека се стемни и надежно чека да го продаде цвеќето.
Вчера околку осум ипол вечерта ја гледам баба уште седи таму, подзамижана и уморна.
– “Бабо, ајде да си одиме дома, доста е за денес. Дај ми го цвеќето, сите ќе ги земам.”
– “Лелееееее! Не може! Тоа се многу пари! Многу, многу пари се да ги купиш сите.”
Па почнува баба да брои и да го двои цвеќето и не ми ги дава сите, упорна е. Загрижена е дека скапо ќе ме фатело.
– “Бабо колку е?” – упорна сум и јас.
– “300 денари, мнооооооогу пари се тоа, остави, не мора се. Ќе ги земе некој додека да затвори продавницава. Има луѓе, се прошетуваат тука.”
– “Бабо, еве денес мене ми се посреќило да има повеќе за мене, ајде завиткај ми ги и да си одиме накај дома.”

Ги завитка баба во хартија од стар весник и ми ги даде.
Не беше тоа букет, не беа тоа цвеќиња какви што има по цвеќарите. Ама вредноста им беше голема.
Поскапи беа од 300 денари.

Оваа приказна е АПЕЛ!
Од утре сите да тркнете да купите цвеќе од бабичката пред Тинексот. Доаѓаат многу топли денови, стара е, здравјето не ја служи многу добро. Да не седи по цели денови на ова топло време.
Да си оди порано дома, среќна дека денес сите и го сакале цвеќето.